Политика

БЕСА иницира средба со партиите од албанскиот блок за уставните измени

01.11.2022 14:19

БЕСА ги кани партиите од албанскиот блок на лидерска за барањето албанскиот да биде втор службен јазик, за да има поддршка за уставните измени. Средбата би се одржала идната недела. Во ВМРО-ДПМНЕ се подготвени за разговори, но сепак потенцираат дека не станува збор само за проблемот на Албанците во Македонија. Потврден досегашниот став-нема поддршка за уставни измени, под уцени и закани…

БЕСА иницира средба со партиите од албанскиот блок за измени во амандманот 5 од Уставот. Поддршката за уставните измени, поврзани со членството во ЕУ се условува со смена на формулацијата-„јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“. Од БЕСА велат дека на средбата може да присуствуваат и оние партии на Албанците коишто имаат интерес, а до кои нема да биде испратена покана. Средбата се очекува да се одржи идната недела, откако ќе ги добијат одговорите од сите партии. Начелна согласност за лидерска има.

Подготвеност за дијалог секогаш има, но од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека не станува збор само за проблемот на Албанците во Македонија. Во ВМРО-ДПМНЕ се децидни-нема поддршка за уставни измени, под уцени и закани. Опозицијата смета дека власта задоцни со повиците за меѓупартиска соработка. Секогаш за клучни државнички прашања, опозицијата се избегнуваше, вели Стојаноска.

Од СДСМ апелираат сите политички партии да дадат активен придонес за да се случат уставните измени, со цел по завршување на скрининг-процесот, да почнат пристапните разговори до полноправното членство во ЕУ.

Лидерот на ДУИ, Ахмети вели дека се во постојана комуникација со сите политички партии, но и со меѓународната заедница, додавајќи дека кога ќе дојде вистинскиот момент и кога ќе има 80 гласа за уставните измени, прашањето со албанскиот јазик може и да се поправи. Заедно со барањето за вметнување на албанскиот јазик во Уставот како втор службен, в.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Таравари, најави нов пакет, тврдејќи дека ниту една политичка партија нема да го одбие.

Милчо Велески