Комисијата за политички систем ги поддржа измените на законите за здруженија и за политички партии
Со заемна согласност на власта и опозицијата, измените во Законите за здруженија и фондации и за политичките партии го поминаа филтерот во Комисија за политички систем...

Со заемна согласност на власта и опозицијата, измените во Законите за здруженија и фондации и за политичките партии го поминаа филтерот во Комисија за политички систем. Пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ го образложи предлогот, напомнувајќи дека со него треба да се стави крај на постојните и на отворањето нови здруженија и фондации со провокативни имиња, а чиишто програми и дејствувања се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјава, поттикнуваат воена агресија, разгоруваат национална, расна и верска омраза, нетолеранција, омраза, геноцид.
Парламентарното мнозинство ги поддржаа измените во Законот што ги предложи опозициската ВМРО-ДПМНЕ, напомнувајќи дека и тие се согласни дека во уставно правниот поредок на земјава не смее да се дозволи функционирање здруженија кои промовираат фашизам и нацизам.
Постојните здруженија во рок од три месеци, треба да го усогласат своето име, цели и дејности согласно законот, пред Централниот регистар. Оние кои нема да се сторат тоа се бришат од регистарот, за што министерот за правда донесува одлука.
На комисијата поминаа и измените во Законот за политички партии, на предлог на СДСМ, во кои се вметнати слични одредби како и во законот за здруженија со кои се забранува нивните програми да бидат насочени кон разгорување омраза, ширење фашизам и нацизам.
Игор Панов
