Обезбедени 61 милион евра за справување со енергетската и ценовната криза
Во Собранието расправа за помош на најпогодените ранливи категории на граѓани. Опозицијата ги поддржува мерките, но вели и дека не се доволни. Власта вели, за двојно помалку време направивме повеќе...

Со прераспределби во Буџетот обезбедени 61 милион евра за справување со енергетската и ценовната криза. Во Собранието расправа за помош на најпогодените ранливи категории на граѓани. Опозицијата ги поддржува мерките, но вели и дека не се доволни, иако се однесуваат на справување со енергетската криза, односно средства за ЕСМ, за домашно производство на енергија и надминување на последиците од енергетската криза.
Не изостанаа препукувањата кој повеќе направил, а кој е неспособен. Опозицијата – вели дека власта крати од капиталните инвестиции за на крај од година да се пофали со поголем процент на реализација.
Власта вели, за двојно помалку време направивме повеќе. Од реконструкција на патишта до училишта. Се грижиме за граѓаните и што побезболно надминување на економската криза – велат пратениците од власта. Во ранливите категории на граѓани опфатени се и пензионерите со пензија до 14.000 денари.
Со ребалансот на Буџетот за 2022-ра година беа обезбедени 4,7 милијарди денари за енергетската криза, сега се обезбедуваат дополнителни 3,75 милијарди денари кои ќе се искористат за да се одговори на предизвиците од енергетската и ценовна криза, за да може да се излезе од кризата со најмалку последици.
Миле Ристески
