Македонија

Синдикатите бараат разрешување на директорот на „Водовод“

01.11.2022 15:23

Синдикатите тврдат дека работниците се исплашени за својата безбедност и здравје поради информациите дека директорот е правосилно осуден за напад со нож. Синдикална борба се претвори во лична пресметка со мене, вели директорот Митовски...

Синдикатите бараат градоначалничката Арсовска да ги заштити вработените во „Водовод“ и да го разреши директорот Митовски поради, како што велат уцените, заканите и притисоците кои ги врши врз работниците. Тие тврдат дека им се заканувал дека ќе останат без работа доколку не ги послушаат неговите наредби. Синдикатите тврдат дека работниците се исплашени за својата безбедност и здравје поради информациите дека директорот е правосилно осуден за напад со нож и поради тоа што Митовски имал лекарски записник „мешано анксиозно и депресивно растројство“.

Синдикална борба се претвори во лична пресметка со мене, вели директорот Митовски. Според него, претседателот на ССМ сторил кривично дело бидејќи објавил докази во судска постапка кои содржат лични податоци, како што е лекарски записник. Митовски рече дека до него нема пристигнато пријава за мобинг, нема редовно вработен кој добил отказ, а невистинити ги нарече и обвинувањата дека избркал 10 хонорарно вработени од работа и дека покренал 40 дисциплински постапки.

Во меѓувреме, Синдикатот одлучува дали ќе оди на штрајк или проблемот ќе се решава преку помирувач.

Викторија Милевска