Премиерот свика лидерска средба за уставните измени
Премиерот Ковачевски свика лидерска средба за европската иднина на земјава и за одлуките кои треба да се донесат со широк консензус. В понеделник лидерите на партиите ќе разговараат во Собранието. Политичката елита веќе се позиционира пред отворањето на највисокиот правен акт…

Премиерот Ковачевски ги кани лидерите на парламентарните партии на лидерска средба в понеделник напладне во Собранието. Како што велат од Владата, тој бара да се отвори дискусија за европската иднина на земјава, но и за одлуките кои Законодавниот дом треба да ги донесе со широк политички и општествен консензус. Ваквиот потег на шефот на Владата следува по партиските комбинаторики во пресрет на отворањето на Уставот. Беса, поддршката за уставните измени ја условува со смена на формулацијата-„јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“. Побара средба со партиите од албанскиот блок за измени во амандманот 5 од Уставот.
Подготвеност за дијалог секогаш има, но од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека не станува збор само за проблемот на Албанците во Македонија. Во ВМРО-ДПМНЕ се децидни- нема поддршка за уставни измени, под уцени и закани. Опозицијата смета дека власта задоцни со повиците за меѓупартиска соработка. Секогаш за клучни државнички прашања, опозицијата се избегнуваше, вели Стојаноска.
Од СДСМ апелираат сите политички партии да дадат активен придонес за да се случат уставните измени, со цел по завршување на скрининг-процесот, да почнат пристапните разговори до полноправното членство во ЕУ. Заедно со барањето за вметнување на албанскиот јазик во Уставот како втор службен, ве-де претседателот на Алијанса за Албанците Таравари, најави нов пакет, тврдејќи дека ниту една политичка партија нема да го одбие.
Лидерот на ДУИ Ахмети вели дека се во постојана комуникација со сите политички партии, но и со меѓународната заедница, додавајќи дека кога ќе дојде вистинскиот момент и кога ќе има 80 гласа за уставните измени, прашањето со албанскиот јазик може и да се поправи.
