Поддршка за развој на женско претприемништво
Поддршка од институциите, но и едукација, се неопходни за развој на женското претприемништво, кое значајно е погодено од економската криза, велат од Националната платформа за женско претприемништво, укажувајќи дека тоа го покажува бројот на затворени фирми. Особено внимание треба да се посвети на жените од руралните средини, кои можат да отворат свои бизниси.

Економската криза дополнително го кочи женското претприемништво, кое и претходните години беше во лоша состојба, велат од Националната платформа за женско претприемништво, кои изработија стратегија за економско јакнење на жената. Неопходна е поголема поддршка од државата, но и едукација, за да се зголеми бројот на жени сопственици на бизнис.
„Статистиката покажува дека жените претприемачки за жал во минатите неколку години назадуваат и тоа се гледа и во обртот, бројот на вработени но многу тажно е кога ќе ги видиме бројките на новоотворени и затворени компании, бидејќи бројките на затворени компании се повеќе отколку бројките на новоотворени“, вели Валентина Дисоска, претседателка на Националната платформа за женско претприемништво.
Особено внимание треба да се посвети на жените од руралните средини, да бидат информирани за можностите коишто им се на располагање.
„На жените земјоделки да им се даде помош да отворат свое стопанство и да бидат носители на свое име да отворат бизнис со тоа жените ќе зајакнат и понатаму ќе се развие економијата и ќе отворат нови работни места“, дополни Дивна Јанкова, локален координатор на платформа за Североисточен плански регион.
Од Центарот за вработување Куманово посочуваат дека жените активно учествуваат на пазарот на труд.
„Во реализација на оперативниот план за активни планови и мерки во 2021 година до овој момент е 53,8 проценти учеството на жената во реализацијата на оперативниот план, додека во учеството на програмата за самовработување 37,7 проценти е учеството на жената“, посочи Марија Димитријевска, раководител Центар за вработување Куманово.
Повеќето од секторите во општина Куманово, како и основни и средни училишта успешно ги менаџираат жени.
Елена Георгиевска
