Руско - украински конфликт

Зеленски очекува помош од Европа за обнова на уништените капацитети

02.11.2022 14:40

Киев поставува пунктови за греење во случај централниот топлински систем да биде онеспособен. Властите ги повикаа граѓаните да ја напуштат земјата доколку можат зимата да ја поминат во странство. Зеленски очекува помош од Европа за обнова на капацитетите, за да може Украина одново да извезува струја. На терен-борбите продолжуваат...

Киев поставува илјада пунктови за греење во случај централниот топлински систем да биде онеспособен поради постојаните руски напади кои оштетија 40 насто од енергетската инфраструктура.

Властите ги повикаа граѓаните да ја напуштат земјата доколку можат зимата да ја поминат во странство. Зеленски очекува помош од Европа за обнова на уништените капацитети, за да може Украина одново да извезува струја.

„Ќе направиме сè за да им овозможиме на луѓето струја и греење зимава. Но, мораме да разбереме дека Русија ќе направи се за да го уништи нормалниот живот“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

На терен-борбите продолжуваат. Во текот на ноќта и изутринава се огласија сирените за воздушна тревога. Украинската противвоздушна одбрана тврди дека соборила 12 од 13 ирански дронови лансирани од истокот.

Турција потврди дека Русија се враќа на договорот за извоз на украинското жито.

„По разговорите со рускиот претседател Путин, рускиот министер за одбрана Шојгу рече дека испораките на жито ќе продолжат на истиот начин како и досега“, изјави турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган

„Украинската страна официјално увери дека поморскиот хуманитарен коридор ќе се користи само во согласност со одредбите на црноморската иницијатива и регулативата на заедничкиот координативен центар“, изјави Игор Конашенков, главен портпарол на руското Министерство за одбрана.

Руската Федерација смета дека добиените гаранции се доволни со што продолжува иницијативата за безбеден транспорт на жито и храна од пристаништата суспендиран по терористичкиот напад на украинските дронови во Севастопол.

Марина Ристова