Дојави за бомби во осум скопски училишта
Дојави за бомби во осум скопски училишта. На терен повторно антитерористичката единица, која ги евакуираше учениците и персоналот...

Попладнево нови дојави за бомби во 8 средни училишта во Скопје. Околу 14 часот и 30 минути на имејл адресите на училиштата стигнале дојави дека ќе бидат доставени бомби. МВР веднаш ги евакуирала наставниците и учениците, по што наставата во втора смена била прекината.
Учениците на сред час биле известени од професорите дека има дојава за бомба и мора веднаш да го напуштат училиштето. Без поголема вознемиреност, заедно со соучениците биле евакуирани надвор од зградата, сведочат за МТВ средношколци од гимназијата “Јосип Броз Тито“.
Во училиштата се вршеа антитерористички проверки, просторот околу нив го обезбедуваше полицијата, а булеварите беа затворени за возила и пешаци. Од МВР соопштија дека се работи на расчистување на случајот. Околу 14 часот и 30 минути прво 6 средни училишта а потоа и уште две пријавиле дека добиле закани за бомби. Ова е четврти пат како средни училишта во Скопје се мета на лажни дојави за бомби, откако минатата недела неколку пати беа евакуирани наставници и ученици во 8 средни училишта. Министерот Спасовски рече дека пораките биле испратени надвор од државата.
Викторија Милевска
