Донесена одлука за штрајк во скопски „Водовод“
Штрајк во скопски „Водовод“, синдикатот ја потврди одлуката. Над илјада вработени оставени без здравствено осигурување тврдат во ССМ. Велат до ова доведе скандалозното работење на директорот Митовски. Се бара итна седница на градот за негово разрешување...

Вработените во скопски „Водовод“, без здравствено осигурување и не можат да појдат на лекар. За ова информираше репрезентативниот синдикат, кој на седница донесе едногласна одлука за штрајк. Велат дека В.Д. директорот Митовски не смее да раководи со претпријатието затоа што не бил способен да управува. Претходно, вработените се пожалија дека директорот им вршел притисоци и мобинг. Побараа итна седница на Советот на град Скопје за негово разрешување.
Митовски мора да замине веднаш од функцијата В.Д директор на ЈП Водовод и канализација-Скопје. Покрај тоа што против истиот има правосилна судска пресуда за физички напад со ладно оружје со затворска казна, како и специјалистички извештај од невропсихијатар, денеска се покажа дека не се грижи ниту за повеќе од 1000 вработени кои ги остави без правото на здравствена заштита за нив и нивните семејства. – се вели во соопштението од Синдикатот.
Документот што го објавија синдикатите, според в.д. директорот на „Водовод и канализација“ е злоупотреба на личните податоци. Тој вчера рече дека до него нема пристигнато ниту една пријава за мобинг, а во однос на обвинувањата за распоредувања и откази, рече дека ниту еден редовно вработен во претпријатието не бил избркан од работа.
Анита Димитријевска Велковска
