Берлински процес

Ковачевски од Берлин: Развој на заеднички регионален пазар за привлекување странски инвестиции

03.11.2022 11:36

Со колегите од Западен Балкан имавме продуктивна дискусија на сесијата за Регионална соработка и заеднички регионални пазари. Од заеднички интерес ни е, но и ни претстои сериозна работа посветена на развој на заеднички регионален пазар, кој во крајна линија ќе значи зголемување на атрактивноста на регионот за странските инвеститори, соопшти премиерот Ковачевски на „Фејсбук“...

Во Берлин, Самит за Западен Балкан, дел од таканаречениот Берлинкси процес. Учествува и премиерот Ковачевски.

„Самитот за Берлински процес е исклучително важен затоа што доаѓа во време на продолжена криза. Со колегите од Западен Балкан имавме продуктивна дискусија на сесијата за Регионална соработка и заеднички регионални пазари. Од заеднички интерес ни е, но и ни претстои сериозна работа посветена на развој на заеднички регионален пазар, кој во крајна линија ќе значи зголемување на атрактивноста на регионот за странските инвеститори“, соопшти премиерот Ковачевски на „Фејсбук“.

Додава дека интензивирањето на сите иницијативи кои ќе придонесат кон обединување и приближување на регионот до ЕУ се исклучително важни.

„Кризата со која се справуваме јасно покажа дека соработката со соседите, регионот, и со ЕУ е единствениот начин како ќе се справиме со сите предизвици кои кризата ги постави пред нас“-нагласува Ковачевски.

Настанот е во организација на германскиот канцелар Олаф Шолц. Највисоки претставници од Европската унија и шефовите на влади од шесте земји од регионот дебатираат за регионалната соработка и заедничките пазари, со акцент на енергетската стабилност, трансформација и други стратешки прашања.