Украина

„Запорожје“ исклучена, Русија тврди спречила украински напад

03.11.2022 12:37

Во употреба останаа само дизел генератори, соопшти државната нуклеарна компанија „Енергоатом“. Според информациите, централата има резерви од гориво за генераторите уште 15 денови...

Украинската нуклеарна централа „Запорожје“ е исклучена од електричната мрежа откако во руско гранатирање се оштетени преостанатите високонапонски водови. Во употреба останаа само дизел генератори, соопшти државната нуклеарна компанија „Енергоатом“. Според информациите, централата има резерви од гориво за генераторите уште 15 денови.

Русија, пак, тврди дека спречила украински напад врз централата. Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за нападите, а двете страни ги негираат тврдењата на другите.

Заменик-шефот на регионалната воено-цивилна администрација назначена од Русија, тврди дека ситуацијата во Херсон не се променила.

„Ситуацијата е сè уште стабилна, сè е во ред во градот, животот поддршката на градот е на нормално ниво. Засега нема промени на линијата на фронтот, се слушаат борби, има обиди за пробивање од страна на нацистите, додека се е под целосна контрола, но ве молам сите да се евакуирате на левиот брег“, рече Кирил Стремусов, заменик-шеф на цивилно-воената администрација Херсон.

Рускиот министер за надворешни работи Лавров изјави дека е обновена имплементацијата на украинскиот дел од договорот за испораката на жито.

„Како што знаете, спроведувањето на украинскиот дел од договорот за житото продолжи. Во исто време, сè уште не можеме да видиме никаков резултат во однос на вториот дел од пакетот предложен од генералниот секретар на Обединетите нацииГутереш, што сугерира отстранување на сите пречки во врска со извозот на руски ѓубрива и жито“, рече шефот на руската дипломатија Лавров.

Русија го суспендираше учеството во договорот за жито, наведувајќи го наводниот напад со беспилотни летала врз нејзината црноморска флота на Крим. Украина не ја презеде одговорноста за нападот.

Претседателот Зеленски и се заблагодари на Шпанија за поддршката на обидот на Украина да се приклучи на Европската унија.

„Знам дека вложивте многу напор за статусот на Украина како кандидат за членство во Европската унија, но сакав да ве замолам да не се опуштате бидејќи ние сè уште не сме членка на Европската унија и имате многу непроспиени ноќи пред вас“, изјави украинскиот претседател Зеленски.

Украина поднесе барање за членство помалку од една недела по почетокот на инвазијата на Москва на 24-ти февруари.

Марина Ристова