Ставрески: Постапката за отпис на долговите ќе заврши до септември
25.04.2014 15:21
Ќе се изврши отпис на долговите за три категории на граѓани, за примателите на социјална помош, за семејствата каде двајца се невработени или за самци кои не се вработени...
Отпис на долговите кон ЕВН и банките на ранливите категории ќе почне веднаш по формирање на новата влада, а ќе заврши постапката до септември 2014 година. ЕВН и банките и останатите субјекти ќе бидат ослободени од даноци за иста сума колку што ќе отпишат долгови. Ова го истакна денеска на прес-конференција во Струмица носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во 4-тата изборна единица Зоран Ставрески, образложувајќи ги проектите од програмата.
Ќе се изврши отпис на долговите за три категории на граѓани, за примателите на социјална помош, за семејствата каде двајца се невработени или за самци кои не се вработени, а кои во Агенцијата за вработување се евидентирани како активни баратели на работа подолго од 12 месеци и трето во семејствата каде поради смрт или тешка болест на едниот сопружник се променила материјалната состојба и не можат да ги плаќаат обврските ќе бидат отпишани долговите за струја, долговите кон банките по основ негативни салда по тековни сметки и долговите за парно греење и радиодифузна такса, рече Ставрески.
Ставрески посочи на мерката за намалување на даноците за училишен прибор, кој предвидува намалувње на ДДВ од 18 на пет отсто што, како што рече, значи ќе има заштеда од три илјади денари на годишно ниво за семејствата. Ќе се намали и данокот на бебешките производи што на семејствата ќе им заштеди околу 5.000 денари на годишно ниво.
