Мицкоски ниту потврдува, ниту негира дека ќе оди на лидерска средба
Сè уште не сум добил покана за лидерска средба. Ќе се консултирам со коалициските партии и ќе се произнесам дали ќе се оди или не, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Според него не е време да се разговара за уставните измени, туку вели, треба да се разговара за како да се решат проблемите на граѓаните…

Опозиционерот Христијан Мицкоски ниту потврдува, ниту негира дека ќе оди на лидерската средба в понеделник, која ја свика премиерот Ковачевски. Конечната одлука ќе ја донесе по консултациите со коалициските партнери и во партиските тела.
Мицкоски повтори дека за уставни измени не е време да се разговара. Вели-приоритет мора да бидат економската и енергетската криза кои ги мачат граѓаните. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од ставот за уставните измени-нема разговори под уцени.
Од Владата соопштија дека премиерот Ковачевски ги испратил поканите до лидерите на парламентарните партии. Ковачевски вели дека ќе се разговара за европската иднина на земјата.
И коалицискиот партнер ДУИ смета дека е потребно да се разговара за уставните измени. Алијанса за Албанците, пак, сè уште без конечен став.
Наспроти премиерот Ковачевски, и БЕСА со иницијатива за лидерска, но меѓу партиите од албанскиот блок, за да се разговара за бришење на одредницата во Уставот за 20-те проценти, со што албанскиот би станал втор службен јазик.
Миле Ристески
