Сè уште е енигма кој испраќа закани за поставени бомби
23- годишниот осомничен, кој повеќе часови беше на распит во полициска станица е ослободен. Првичните вештачења на електронските уреди запленети од неговиот дом покажале дека тој не е поврзан со случајот...

Во јавноста сè уште енигма кој испраќа закани за поставени бомби во средните скопски училишта. 23- годишниот осомничен, кој повеќе часови беше на распит во полициска станица е ослободен. Првичните вештачења на електронските уреди запленети од неговиот дом покажале дека тој не е поврзан со случајот.
„По напатствија на јавниот обвинител извршени се сите неопходни дејствија со цел да нема дополнително задржување на лицето. Со оглед дека првичните вештачења не покажаа поврзаност на лицето со испратените пораки, лицето по извршениот распит е пуштено на слобода“ – се вели во одговорот од Јавното обвинителство.
Активистот кој беше приведен, па ослободен, на Фејсбук напиша дека бил третиран како најголем криминалец, за дело кое не го сторил.
„Ниту имам мотив, ниту потреба да вознемирувам цели фамилии со „дојавите за бомба во средните училишта“. Очигледно некому му пречи мојата работа со профилот „Боемот“, моите сфаќања, ставови, бескомпромисност во борбата за подобро утре, независноста од политиката и слободната мисла“ – напиша Николовски на Фејсбук.
И додека истрагата го бара вистинскиот сторител, дојавите за бомби, иако лажни, сепак предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните. Во некои училишта, средношколците не дојдоа на настава.
Професорката Стојаноска – Иванова вели дека дојавите за бомби имаат за цел да создадат недоверба во институциите, но и да предизвикаат чувство на страв и стрес кај учениците и наставниците.
Девет средни училишта во Скопје неколку пати беа цел на лажни дојави за поставени бомби што ги извлече на терен антитерористичките тимови на МВР да ги проверуваат до темел училишните згради. Пријавувачот испраќал е-маил пораки со заканувачка содржина, но проверките на објектите покажаа дека станува збор за лажни дојави.
Анита Димитријевска Велковска
