ЕСМ ќе проверува дали топланите Исток и Запад може да работат и на дизел
Од 15-ти ноември ќе се тестира системот, топланите Исток и Запад да работат на дизел, најавија од ЕСМ. Во нафтените резерви има на залиха речиси 100 милиони тони. Од менаџментот велат дека нема однапред да се набавува електрична енергија, цената на берзите паѓа...

Ако нема гас, ќе се грееме на дизел. Генералниот директор на АД ЕСМ, Ковачевски, вели дека досега се потрошени 17 милиони денари за набавка на нови пумпи и чистење на топланите кои како алтернатива користеле мазут.
Од 15 ноември ќе бидеме подготвени да направиме одреден тест период да се вклучат топланите Исток и Запад на дизел гориво со цел да го пробаме системот и да видиме дали може да работи и со овој енергенс, бидејќи во минатото работел на мазут кој е еколошки многу понеподобен. Тоа го правиме за да бидеме сигурни дека во целост ќе можеме да ги задоволиме потребите со топлинска енергија во подоцниот период на грејната сезона или во наредните сезони и доколку има проблеми со набавка на природен гас“, вели Ковачевски.
Според Ковачевски, доколку топланите работат на дизел во моментов производството на топлинска енергија ќе биде поевтино за 20 до 30 проценти отколку на гас, но заради екологијата топланите ќе работат на природен гас сè додека нема евентуални проблеми за негова набавка.
Во однос на електричната енергија, објави дека по добивањето на целосните податоци за изминатиот месец, не е платен ниту еден денар за купување на увозна електрична енергија во октомври за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, иако во планот биле предвидени 10,5 милиони евра за таа намена. Најави дека од 7-ми до 13-ти ноември ЕСМ ќе купува увозна електрична енергија од приватни снабдувачи.
„Ќе се купат 16.800 мегаватчасови за кои од добавувачите добивме известување дека ќе се продава по 215 евра од мегаватчас. Тоа се само 3,6 милиони евра само за една недела“, потврди Ковачевски.
Првиот човек на ЕСМ рече дека досегашните заштеди се должат на рационалното работење, на заштедите на граѓаните и на поволните временски услови, но оти од први декември очекуваат оти ќе се зголеми конзумот.
Катерина Топалова
