Берлински процес

Потпишани три регионални договори за мобилност

03.11.2022 17:01

Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. Челниците на Европската унија и лидерите на шесте земји со конкретни чекори и договори за надминување на кризата и внатрешните конфликти. Нашата меѓусебна политичка волја не поттикнува да го развиваме регионалниот пазар – вели премиерот Ковачевски...

Во рамки на Самитот за Западен Балкан лидерите од шесте земји потпишаа три регионални договори за мобилност кои ќе придонесат до забрзан регионален економски раст и развој. Подобрувањето на регионалната соработка е клучна за забрзување на евроинтегративниот процес-посочи домаќинот на Берлинскиот процес Германскиот канцелар Олаф Шолц, и порача дека е време Унијата да ги исполни дадените ветувања.

„Зајакнувањето на економијата е резултат на добрососедските односи. Тоа е голем успех за граѓаните во регионот. Шесте држави од Западен Балкан покажаа дека се сериозно посветени во регионалната соработка. Овие договори ќе им овозможат на граѓаните на овие региони да ја преминуваат границата само со лична карта, а секако и да се признаат професионалните квалификациите. За многу кратко време ќе им го подобри квалитетот на животот на граѓаните во регионот“, рече Олаф Шолц.

Претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен потсети дека ЕУ се обврзала на инвестициски план од 30 милијарди евра за регионот, што е рамно на една третина од БДП на сите земји. Лајен им порача на европските граѓани дека инвестирањето во Западен Балкан не е само инвестирање во економијата или енергијата, туку инвестиција за мир и просперитет на целата Европа.

„Што се однесува до моменталната криза ги синхронизираме нашите чекори, ние сме во енергетска заедница, што на краток рок за сите нас значи диверзикација на енергетските извори, намалување на нашата зависност од руските фосилни горива.

За Западен Балкан издвоен е пакет од 1 милијарда грантови, поделен на два дела. Првиот е 500 милиони евра грант како итна финансиска помош за стопанството на државите во регионот. Додека вториот пакет од 500, милиони ќе се бидат наменети за енергетска инфраструктура“, рече Урсула Фон дер Лајен.

Таа потсети дека оваа година беше пресвртна за проширувањето, бидејќи е донесена одлука за започнување на преговорите со Македонија и со Албанија, даден е кандидатски статус на БиХ и отворен е првиот кластер со Србија.

Премиерот Ковачевски кој учествуваше на Самитот на Берлинскиот процес истакна дека кризата ни ја предочи важноста на домашното производство на енергија, и го посочи својот концепт за енергетска трансформација преку примена на обновливи извори.

„Енергетската трансформација во транзицијата кон чисти извори на енергија, како и создавањето систем што ќе овозможи климатски отпорни економии, е нашиот влог во иднината“, а заедничкиот регионален пазар ја зголемува атрактивноста на регионот за странските инвеститори и овозможува развој – вели Ковачевски.

Ковачевски рече дека Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која усвои стратегија за развој на енергетскиот сектор заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ.

Марина Тонева Стојанова