Србија создава терен за укинување на партиципацијата за лекови
Во Србија стапи во сила новиот правилник за лекови со кој се регулираат ставањето и симнувањето на лекови од позитивната листа што ја субвенцинира Фондот за здравствено осигурување, јавува РТС.

Според надлежните во Фондот, со новите правила ќе се намалат цените на лековите, ќе се зголеми снабденоста,а може да дојде и до укинување на партиципацијата, од што ќе имаат полза и осигурениците и државата. Наспроти ставот на здравствените власти дека домашните производители ќе имаат поголем дел од пазарот, домашните сметаат дека новите правила може да доведат до намалување на производствените капацитети, дури и до затворање и отпуштање работници, а одредени странски фармацевтски компании може да го напуштат српскиот пазар. Во Фондот ги отфрлаат ваквите тврдења, затоа што домашните производители ќе имаат бенефити, како на пример предност од 20% при јавната набавка и период на приспособување. Со овие мерки српскиот Фонд планира заштеди од 5 до 7 милијарди динари, што ќе ги искористи за набавка на иновативни лекови за кои во моментов нема пари. Поевтинувањето на лековите граѓаните на Србија треба да гопочувствуваат за еден месец, најавуваат од РФЗО.
За разлика од Србија, која сега почнува со обиди за заштеда од поевтинување на лековите,во Македонија за две години поевтинија околу 3000 лекови, некои еднаш, некои неколку пати. По пониска цена се лековите и на болничката и на аптекарската листа.Освен генеричките, поевтинија и оригиналните и иновативните лекови. Заштедата за болниците и за граѓаните од сите пет намалувања на цените досега е над 30 милиони евра, а само со последната корекција на цените на 352 лека, заштедата е над 3,2 милиони евра.
Соња Стојановска
