Поддршка од земјоделците во Ресен за новиот предлог модел во субвенционирањето
Денеска во Ресен пред земјоделците од овој регион, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и државниот советник во министерството, Трајан Димковски, го претставија новиот предлог модел за субвенционирање во земјоделството...
Денеска во Ресен пред земјоделците од овој регион, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и државниот советник во министерството, Трајан Димковски, го претставија новиот предлог модел за субвенционирање во земјоделството.
Новиот предлог модел се гради заедно во консултација со земјоделците, со нивна директна вклученост преку Агро Советот, како и преку постојаните подсекторски групи.
Поддршката која досега ја добиваа земјоделците со новиот предлог модел не се крати, туку истата се реорганизира во повеќе различни програми за поддршка.
Земјоделците преку новиот модел за субвенционирање добиваат авансна исплата на 30% од субвенциите. Оваа 2022 година авансната исплата на субвенциите ја започнуваме токму со исплатата кон овоштарите, како пилот-проект, а веќе од следната 2023 година авансно ќе се исплаќаат субвенциите кон сите земјоделци.
Дополнителна субвенција ќе добијат и земјоделците кои обработуваат стратешки култури, а своето производство го користат за сопствени потреби создавајќи финален производ. Како значајни култури кај овоштарството, со подсекторската група се утврдени јаболкото, праската, слива, вишна, цреша, кајсија, круша, јапонското јаболко и лешникот.
Уште една нова програма која се креира како дел од новиот модел за субвенционирање е и програмата за откуп на свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи. Програма со која го поттикнуваме откупот на домашни земјоделски производи, но и обезбедуваме здрава ужинка за учениците во основните училишта. За оваа 2022 година веќе обезбедивме 20 милиони денари, обезбедувајќи откуп на јаболка и ужинка за 186.000 ученици од 350 основни училишта во државата.
