Веибо најавува инвестициски бум на североистокот
Мултинационалната групација Веибо ги откри бизнис – плановите. На средба со премиерот Груевски во Владата, ја претставија инвестицијата тешка 400 милиони долари, која ќе отвори 5.000 работни места на североистокот на земјава. Македонија ја одбрале во конкуренција на Србија, Бугарија, Романија, Албанија. Најавуваат брз почеток на издрадба на зоната...

Четири фабрики и логистички центар ќе гради Веибо во текстилната зона на североистокот од Македонија. Компанијата најавува отворање на пет илјади директни и на уште две илјади индиректни работни места. Ќе се произведува за светски познати марки, а првиот извоз се очекува веќе идната година.
„Зоната што ќе ја формираме во Македонија ќе биде најголема интегрирана текстилна зона во Европа. Откако направивме истражувања на пазарот, се уверивме дека во Македонија има квалификувана работна сила која многу добро го познава текстилниот сектор“, изјави Алперин Селчук, директор на групацијата.
Поевтини репроматеријали за другите текстилни компании од земјава, зголемување на конкурентноста на оваа индустрија, намалување на невработеноста, зголемување на платите – ова се ефектите што ги очекуваат властите од најновата инвестиција.
„Кога во еден регион опаѓа стапката на невработеност, постојните компании за да ги задржат своите најдобри вработени, ќе бидат принудени да ја зголемат цената на трудот. Со ова повеќе ќе се цени трудот на македонскиот работник. Во почетокот беше тешко да привлечеме странски инвестиции, но сега станува сè полесно“, рече Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
Веибо две години ја скеринал Македонија. Во конкуренција на Србија, Романија, Бугарија и Албанија, на крајот се решиле за нашата земја.
„Веќе се догововирме со фирмата. Подолг период работевме со нив за да ги задржиме и да убедиме да инвестираат во Македонија“, изјави Хади Незир, министер без ресор.
Веибо има 10 илјади вработени во Камбоџа и уште 4 илјади во Кина. Работат за Масимо Дути, Кортефил, Хуго Бос, Левис... За пет години, очекуваат извозот од земјава да достигне 800 милиони долари.
Мартин Пушевски
