Пјонгјанг распореди авиони, Сеул возврати
Растат тензиите на Корејскиот полуостров. Пјонгјанг истрелал повеќе од 80 артилериски гранати во пограничната област во текот на ноќта. Забележани 180 севернокорејски воени авиони на границата со јужниот соседот. Сеул веднаш со одговор, подигна сопствени борбени авиони, вклучително и стелт – ловци...

Драматично растат тензиите на Корејскиот полуостров. Пјонгјанг истрелал повеќе од 80 артилериски гранати во пограничната област во текот на ноќта. Војската на Јужна Кореја соопшти дека забележала околу 180 воени авиони на соседот, кои летале цели четири часа на 20 километри северно од демаркациската линија. Сеул веднаш одговорил на најновите провокации, подигнувајќи сопствени борбени авиони, вклучително и стелт – ловци.
„Ова е сериозна провокација којашто ги загрозува мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров, но и меѓународната заедница и претставува јасно прекршување на резолуциите на Обединетите нации. Силно ги осудуваме овие провокации и бараме веднаш да запрат“, изјави Ким Јун – рак, портпарол на Генералштабот на Јужна Кореја.
Ескалацијата доаѓа откако Пјонгјанг истрела рекорден број проектили во средата, а потоа следуваше тестирање и на интерконтинентални балистички ракети. Меѓународната заедница силно ги осуди најновите провокации.
„Лансирањето ракети од Северна Кореја ги зголемува тензиите во регионот и сакам јасно да порачам дека таквите чекори се неприфатливи. Јас верувам дека единствено одговорен за моменталната ситуација е режимот во Пјонгјанг“, изјави Франк Валтер-Штајнмаер, претседател на Германија.
Последните потези на Пјонгјанг ги натераа САД и Јужна Кореја да ги обноват воздушните вежби, што предизвика незадоволство и протест кај Северна Кореја. Официјален Вашингтон побара Советот за безбедност на Обединетите нации на отворена седница да расправа за ситуацијата, барање кое е поддржано и од други членки. Сепак, во телото владее поделеност по ова прашање, па така во мај, Русија и Кина ставија вето на напорите на САД да воведат дополнителни санкции како одговор на ракетните лансирања на Пјонгјанг.
Маја Стојанова
