Средба на Пендаровски со генералната директорка на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка
Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната поддршка што Кралството Шведска преку Сида ја дава за унапредување на реформските процеси во Северна Македонија, а во функција на напредокот на државата кон интеграцијата во Европската Унија.
Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Карин Јемтим, генерална директорка на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка - Сида.
На средбата се разговараше за севкупните активности на агенцијата во Република Северна Македонија, реализираните и тековните проекти, како и плановите во рамки на регионалната стратегија за соработка со земјите од Западен Балкан во новиот 7-годишен програмски период, што почна во 2021 година.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната поддршка што Кралството Шведска преку Сида ја дава за унапредување на реформските процеси во Северна Македонија, а во функција на напредокот на државата кон интеграцијата во Европската Унија.
Претседателот Пендаровски посочи и на важноста на развојната поддршка во сферата на енергетиката, заштитата на животната средина, локалниот економски развој, но и проектите од областа на заштитата на човековите права и демократскиот развој со акцент на родовите прашања, малцинските групи и политиките за антикорупција.
