САД

Во САД се интензивира политичката трка меѓу републиканците и демократите

04.11.2022 13:45

Неколку дена пред изборите за американскиот Конгрес се интензивира политичката трка меѓу републиканците и демократите. Дел од експертите прогнозираат можно загрозување на тенкото мнозинство на демократите во Претставничкиот дом...

Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп планира враќање во Белата куќа. На митингот во Ајова, тој рече дека најверојатно ќе учествува во трката за претседател во 2024-та година и најави дека наскоро ќе го објави својот план. Трамп сè уште инсистира на тоа дека победил на претседателските избори во 2020-ра година и дека го изгубил вториот мандат поради местење на гласовите.

„Двапати се кандидирав. Двапати победив. Вториот пат бев многу подобар, добив милиони повеќе гласови во 2020-та година отколку во 2016-та година, повеќе гласови од кој било друг актуелен претседател во историјата. Сега, за да ја направам нашата земја просперитетна, безбедна и голема, ќе го направам тоа повторно многу, многу, многу веројатно“, изјави поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп.

Актуелниот американски претседател, Џо Бајден се обидува да ја зголеми поддршката за демократските кандидати на само неколку дена пред изборите за конгресот, на коишто Американците од неколку сојузни држави ќе избираат членови на Претставничкиот дом и на Сенатот. Експерти проценуваат дека тенкото мнозинство на демократите во Конгресот е загрозено, бидејќи грижите на гласачите се префрлаат од прашања што ги фаворизираат демократите, како што е абортусот кон оние што ги фаворизираат републиканците, како што се економијата и криминалот.

„Видете, сите говорат дека станува збор за референдум. Но луѓе, ова не е референдум. Ова е избор помеѓу две суштински различни верзии за Америка“, рече претседателот на САД, Џо Бајден.

Бајден изјави дека американската демократија е на удар поради лажните тврдења на неговиот претходник Трамп за украдени избори.

„Американската демократија е на удар затоа што поразениот поранешен претседател на сад одбива да ги прифати резултатите од изборите во 2020-та година. Тој одбива да ја прифати волјата на народот. Одбива да го прифати фактот дека ја изгуби работата, ја злоупотреби својата моќ и ја стави лојалноста кон себе пред лојалноста кон уставот“, рече Бајден.

Бајден се осврна и на нападот врз сопругот на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, и го поврза со насилството што ги предизвика немирите во Капитол на 6-ти јануари. Се очекува Трамп и Бајден да ги објават своите кандидатури по избори на 8-ми ноември.

Марина Ристова