За нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе се одлучува в понеделник
Суспендираната шефица Вилма Русковска, обвинителот Ермон Незири, кој му е заменик на Гаврил Бубевски во Основното јавно обвинителство-Скопје, како и вишите обвинители од Гостивар, Деса Пауновска и Ислам Абази се кандидати за оваа важна позиција во борбата против организираниот криминал и корупција.

Четворица обвинители во трка за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Суспендираната шефица Вилма Русковска, обвинителот Ермон Незири, кој му е заменик на Гаврил Бубевски во Основното јавно обвинителство-Скопје, како и вишите обвинители од Гостивар, Деса Пауновска и Ислам Абази се кандидати за оваа важна позиција во борбата против организираниот криминал и корупција.
На огласот, покрај четворицата беше пријавена и обвинителката Енѓелуше Кадриу – Леши, но таа потоа ја повлече пријавата. За новиот шеф на организиран криминал ќе се одлучува в понеделник, кога ќе има непосредно гласање од страна на сите обвинители во државата. Ваквиот избор ќе се случи за првпат според новиот Закон за јавно обвинителство. Републичкиот обвинител Јовески со порака пред гласањето – оваа функција е моќна, но и многу одговорна, обвинителите да гласаат без притисоци и по слободна волја и уверување.
„Сакам да ве повикам сите слободно и растоварено од какви било влијанија и притисоци да го дадете својот глас за оној кандидат кој има најдобра програма и визија за идното функционирање на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Верувам дека секој од вас поединечно ќе знае да го направи вистинскиот избор, а сите заедно како јавни обвинители ќе покажеме дека имаме јасна цел за независна и силна јавнообвинителска организација“, стои во пораката од републичкиот обвинител Јовески.
Според избирачки список, 163 јавни обвинители од земјава ќе гласаат за избор на нов шеф на организиран криминал. Гласањето ќе биде од 8 до 16 часот, по што Советот ќе направи јавно сумирање на резултатите. Оној кој ќе добие најмногу гласови, Советот во рок од седум дена ќе го назначи за прв човек на Обвинителството за организиран криминал со мандат од четири години.
Наташа Гркова-Петрушевска
