Институт за европски политики

Берлински процес за поврзување на регионов

04.11.2022 16:24

Политичка волја и чекор напред – аналитичари за договорите за меѓусебно признавање на личните карти, дипломите и на професионални квалификации кои отвораат нова фаза во односите меѓу државите од Западен Балкан.

Потпишувањето е важен сигнал во еден ваков момент во којшто се наоѓа Европа. Ваков е ставот на експертите по ставањето параф на регионални договори на Берлинскиот процес со кои се овозможува преминување на границите само со лична карта, признавање на универзитетските дипломи и препознавање на квалификациите на професионалци. Ова дава сигнал дека сите држави од регионот се подготвени да соработуваат, дека имаат волја да адресираат прашања коишто со години не се адресирани, особено на билатерално ниво, сметаат од Институтот за европски политики. Покрај бенефитот на граѓаните на државите, важно е и за самите држави во процесот на пристапување кон ЕУ.

„Потпишувањето на договорите е првиот чекор за решавање на нерешените бариери, да речеме, коишто постојат на пазарите. Сега треба да следи ратификација на договорите во шест држави, а подоцна и нивна соодветна имплементација. Процесот на нострификација на дипломи се пренесува на порталот на е услуги којшто ако е оперативен за нашите граѓани ќе биде уште покорисен. Значи ќе треба и овие договори да се пренесат со соодветни политики за уште повеќе да биде олеснет процесот“, рече Стефан Ристовски, Институт за европски политики.

За да се операционализира вистински можноста, за да станат дипломите конкурентни на пазарот на труд треба да се спроведуваат и одредени реформи и инвестиции во секторите образование и здравство, сметаат од Институтот.

Катерина Топалова