Вучиќ на вонредна седница на владата реферираше за состојбата на Косово
Состојбата на релација Белград-Приштина тензична. Претседателот Вучиќ на вонредната владина седница реферираше за состојбата на Косово. Косовските Срби се повлекоа од сите институции, откако премиерот Курти го разреши командирот на полицијата на северот од Косово. Вучиќ на средби и со српскиот патријарх и со амбасадорите на Кина и Рсија. Западот бара прифаќање на француско-германскиот предлог, кој сè уште е енигма...

Заврши вонредната седница на српската Влада. Претседателот Вучиќ поднесе извештај за разговорите со претставниците на Србите од Косово и Метохија кои најавија повлекување од сите приштински институции поради последните чекори на премиерот Албин Курти. Претходно ноќва Вучиќ разговараше со србите на Косово, а и имаше состанок и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак кој повика на воздржаност .
„Долга и тешка, но фер дискусија синоќа со Претседателот Вучиќ. Сметам на одговорното однесување на сите за да покажеме воздржаност за безбедност и стабилност. Мора да се избегнува насилството. Се согласивме дека сите договори од Дијалогот треба да се почитуваат и целосно да се имплементираат.“
Српскиот претседател денеска на средба и со патријархот Порфириј и со Синодот на СПЦ, како и со кинескиот амбасадор Чен Бо и рускиот амбасадор Александар Боцан-Карченко. Во меѓувреме, ги откажа сите посети во странство. Случувањата на северот на Косово деновиве дополнително се вжештија откако регионалниот командант на косовската полиција Ненад Ѓуриќ беше суспендиран по изјавата дека преставниците на српската заедница нема да издаваат предупредувања за замена на српските со косовски регистарски таблички. Србите не сакаат, нема и не можат да бидат декор во приштинските институции, вели потпретседателот на Српската листа, Симиќ.
„Господинот Ненад Ѓуриќ е чесен човек и полицаец кој не дозволи да стане дел од машинеријата на Албин Курти, кој прави се за да им го оневозможи нормалниот живот на Србите на овие простори и на крајот да ја избрка Србија од овие простори. Од друга страна, Курти свесно ги прекрши сите потпишани договори“, рече Игор-Симиќ, потпретседател на Српска листа
Претставниците на Српската листа решаваат дали институциите на северот на Косово и Метохија ќе ги остават под контрола на Приштина. За утре е најавен мирен протест на Србите во Косовска Митровица. Градоначалникот на северна Косовска Митровица, Милан Радојевиќ изјави дека во случај на евентуално насилство на Косово и Метохија, Србите очекуваат заштита од КФОР, но се подготвени и да се заштитат себеси. Според ЕУ, германско-францускиот предлог за нормализација на односите меѓу двете страни ќе овозможи напредок во процесот. Од Белград велат дека премиерот Курти брутално го крши Бриселскиот договор кажувајќи дека не го интересира Заедницата на српски општини.
Маријана Димовска
