Политика

Мицкоски ќе присуствува на лидерската средба

05.11.2022 15:11

Ќе дојдам на лидерската средба, одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на поканата од премиерот в понеделник. Уставните измени се затворена тема, не може да ги има без гаранции и со уцени од Софија. Политички саем на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, отчет на градоначалниците за реализираните проекти.

Да, ќе учествувам на лидерската средба-одговори претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на поканата на премиерот Ковачевски за состанокот в понеделник. Тој рече дека нема да ги исполни очекувањата на власта и нема да одбие учество.

„Подготвен сум да ги бранам ставовите на партијата“, вели Мицкоски, и потврди дека нема да се согласат на уставни измени без гаранции за натамошните бугарските условувања во евроинтегративниот процес. Според него, сепак овие прашања имаат помало значење од реалните проблеми на граѓаните кои се однесуваат на секојдневните поскапувања, инфлацијата, сиромаштијата, енергетската криза, за кои, како што тој вели, единствен лек се предвремени парламентарни избори.

Мицкоски изрази задоволство од сработеното на градоначалниците кои, како што рече, и во услови на економска, политичка и енергетска криза креираат успешни политики. На Саемот на промените што носат иднина-градоначалниците дадоа отчет за сработено по една година од локалните избори.

Претседателот на партијата истакна дека изминатава година, градоначалниците на 40 општини реализирале проекти во вредност од близу 120 милиони евра.

Марина Стојанова Тонева