Политика

Утре напладне лидерска средба во Собранието

06.11.2022 11:13

Утре напладне во Собранието ќе се одржи лидерска средба, која ја свика премиерот Ковачевски. На маса, европската иднина на државата и сите одлуки коишто треба да се носат со политички консензус...

Утре напладне во Собранието ќе се одржи лидерска средба, која ја свика премиерот Ковачевски. На маса, европската иднина на државата и сите одлуки коишто треба да се носат со политички консензус. Убеден е дека лидерите на парламентарните партии ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ќе оди на средбата во Собранието, но бара да се разговара за реалните проблеми на граѓаните, а не за отворање на Уставот. Вели- нема уставни измени, без јасни гаранции од ЕУ за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Не се откажува и од барањето за предвремени избори.

Партиите од албанскиот блок потврдија дека ќе одат на лидерската, освен од БЕСА која уште тактизира. Алијанса за Албанците најави дека ќе го отворат и прашањето за употребата на албанскиот јазик, за бришење на одредницата во Уставот „20 проценти“.

Единствено Левица се изјасни дека нема да учествува на состанокот. Претседателот на партијата Апасиев со порака до јавноста: „Со нас не можат да се договараат како со Вмровците. Ние сме тврд орев“.