Куманово

Од есенски лисја се произведува ѓубриво

06.11.2022 12:17

Од суви лисја до органско ѓубриво. Кумановското комунално претпријатие веќе четири години само произведува компост од листовите од јавно промени површини. Органското ѓубриво идната пролет ќе се користи за производство на нови цвеќиња кои ќе го красат градот.

Кумановското јавно претпријатие „Чистота и Зеленило“ од суви лисја произведува компост, односно органско ѓубриво кое подоцна се користи во расадникот. Дневно од парковите, улиците, јавните зелено-цветни површини се собираат од шест до осум метри кубни суво лисје. Истото подоцна се складира на расадникот.

„На некои зелено-цветни површини каде што сметаме дека е потребно да остане тој лист, бидејќи подоцна во фаза на разградување тој лист е ѓубриво кое ја потхранува почвата и во пролетта придонесува да имаме појак квалитет на тревата којашто расте на тој зелен простор, но останатиот кој не е измешан со отпад којшто го собираме, го одлагаме во простории на расадникот“, вели Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово.

Лисјата се наводнуваат, се забрзува процесот на разградување, по што следува ферментирање и преминување во органско ѓубриво, кое наредната пролет ќе се користи за производство на нови цвеќиња, кои ќе го красат градот. Од претпријатието најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат интензивно да собираат лисја, иако дел од граѓаните имаат забелешки дека на овој начин се нарушува есенскиот изглед на градот. Стручните во „Чистота и Зеленило“ се надеваат дека наскоро ќе се набави и компостара и црвени глисти, кои ќе го забрзаат процесот на производство.

Елена Георгиевска