Репортажа

Масовното иселување ги испразни кичевските села Мало и Големо Црско

06.11.2022 12:32

Замре животот во Мало и Големо Црско во Кичево. Двете села во кои во минатото живееле над 250 жители, денес се празни, бројат само четворица жители. И тие сакаат да си заминат. Плодната почва не се обработува и не дава род, а пасиштата останаа пусти.

Масовното иселување ги испразни кичевските села. Мало и Големо Црско, некогаш живи населби со стотици жители, млади, стари и деца, денес тишина. Бројат вкупно четворица жители во средни и поодминати години.

Во глувата тишина се слуша лаежот на кучињата и пеењето на птиците. Осамените, кои од топлите прегратки ги испратиле своите деца и внуци во градовите ширум земјава и странство, се радуваат на викенди и празници кога ќе им дојдат гости.

Во минатото имало училиште, пошта и културен центар, а денес нема ниту продавница. Во Големо Црско единствениот жител е Мира Мицевска, која во зима се преселува во градот.

„Услови имам се ама повеќе си сам. Идат децата на неколку денови сега попладнево пак ќе дојдат. Поседува внуката со малото со девојчето и така. Подобро за живеење е во град, но за воздухот е подобро овде“, вели Мира Мицевска жител на Големо Црско – кичевско.

Истата слика и во Мало Црско, таму живее Гоце Неделковски со братот и сестрата. Се занимаваат со сточарство, но велат и тие сакаат да си заминат.

„Ништо нема овде ни дуќан ни храна, треба да одиш Кичево. Идат два пати неделно ни носат храна. Да ви кажам право во моментов овде, ако ја продадам стоката, немам зошто да живеам овде“, вели Гоце Неделковски жител на Мало Црско.

Денес, во двете села останаа руинирани, празни и пусти куќи. Нема ниту патна инфраструктура, а нема интерес за уредување бидејќи сите се иселиле.

Соња Рилковска