Посебна комисија ќе достави извештај до Владата за понудата за „Чебрен“
По 13 неуспешни тендери за изградба на хидроцентралата „Чебрен“, министерот за животна средина Насер Нуредини, очекува овој енергетски капацитет да започне да се гради на крајот од наредната година. На тендер е избрана фирма за оваа инвестиција, но нејзината понуда сè уште се разгледува. Немање на стратегија и невладеењето на правото, се најголеми кочници за лошата состојба во енергетиката и пропаднатите тендери, велат познавачите на состојбите…

Посебна комисија ќе треба да достави извештај до Владата околу понудата на компанијата за изградбата на хидроцентралата „Чебрен“. Доколку е позитивен, се очекува наредната година да биде потпишан договорот и да започне изградбата, вели министерот Нуредини. И покрај големиот број неуспешни тендери, ние не се откажуваме од Чебрен, енергетски капацитет кој е од стратешки интерес на државата.
Ресурси имаме, но за жал не се искористени поради немање стратегија и невладеење на правото, затоа и состојбата со енергетиката тапка во место, а тендерите пропаѓаат. Секој евентуален сериозен инвеститор се заминува од државата, велат познавачите на состојбите.
Инаку приватната компанија ќе треба да ги обезбеди парите за изградба на електраната, а ќе добие концесија за вода од 60 години. ЕСМ, како јавен партнер пак, ќе треба да изгради пристапен пат до хидроелектраната и поврзување со трафостаница. Се работи за енергетски капацитет од околу 330 мегавати моќност, доволно да снабди со струја до 200.000 домаќинства.
Зоран Димовски
