Косово-Србија

Народен собир во северниот дел од Митровица по последните одлуки на Приштина

06.11.2022 14:05

Во Косовска Митровица митинг, по последните одлуки на Приштина и напуштањето на сите косовски институции од Србите. Премиерот Курти, во објавата на Фејсбук на албански и на српски јазик посочи дека тој не е против српското население, туку властите во Србија биле против него. Вучиќ вечер ќе и се обрати на нацијата …

Стотици граѓани излегоа на народниот собир во северниот дел на Митровица како реакција на последните одлуки на Приштина и повлекувањето на косовските Срби од сите тамошни институции. Говорниците испратија пораки за мир и нагласија дека Србите на Косово и Метохија немаат друга држава.

„Решивме сите наставни активности на Универзитетот да се одвиваат нормално. Се трудиме младите луѓе да ги задржиме во земјава. Да им кажеме не на оние коишто сакаат да не издвојат од образовниот систем“, рече проф. д-р Небојша Арсиќ.

„Сите српски судии и обвинители излегоа од таканаречениот судски систем на Косово затоа што веќе не можеа да бидат само неми сведоци на Бриселскиот договор“, изјави Љиљана Стевановиќ – судија.

Претходно локалните власти во четири општини на северот и формално ги потврдија оставките. Според канцеларијата за Косово и Метохија, последните случувања се резултат на непочитувањето на сите договори во рамки на дијалогот Белград-Приштина од страна на премиерот Албин Курти.

„Поминаа 10 години како заедницата на српските општини не е формирана … И единствен кој од тоа зборува за тоа е Белград но и српскиот народ на Косово и Метохија. Заедницата на српски општини е единствениот механизам за да се остварат колективните и индивидуалните права српскиот народ кои се газат секој ден“, рече Петар Петковиќ, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија.

Меѓународните институции со големо внимание ги следат случувањата. Шефот на дипломатијата на ЕУ, Борел оцени дека настаните ја усложнуваат безбедносната ситуација во регионот и пошироко. Заменик генералниот секретар на НАТО, Џоана потврди дека КФОР ќе интервенира доколку стабилноста е загрозена.

„И Белград и Приштина мора да покажат воздржаност и да спречат ескалација. КФОР останува буден и подготвен да интервенира доколку стабилноста е загрозена“.

Косовскиот премиер Албин Курти во објавата на социјалните мрежи на албански и српски јазик, синоќа повика припадниците на српското малцинство во земјата да не бидат жртва на манипулации.

Маријана Димовска