Од денеска косовските институции без Срби
Американската амбасада во Приштина побара од Албин Курти веднаш да формира заедница на српски општини. Од амбасадата бараат од Србите да се вратат во институциите, предупредувајќи дека актуелните спорови, како што велат, имаат капацитет дополнително да ескалираат на терен...

Косовските институции и служби формирани според Бриселскиот договор, од денеска се без Срби. Освен во полициските станици, српска полиција нема да има ниту на административните пунктови Јариње и Брњак.
И покрај незадоволството на Србите од политиката на владата во Приштина на северот на Косово деновиве е мирно, а утрово редовно почна наставата во училиштата, отворени се и здравствените установи. Се очекуваат дипломатски и политички решенија за настанатата криза во односите меѓу локалните Срби и владата во Приштина.
Американската амбасада во Приштина побара од Албин Курти веднаш да формира заедница на српски општини. Од амбасадата бараат од Србите да се вратат во институциите, предупредувајќи дека актуелните спорови, како што велат, имаат капацитет дополнително да ескалираат на терен.
На синоќешната седница на владата во Приштина, Курти рече дека „не може да се загрозат законитоста и уставноста додека дијалогот и институциите немаат алтернатива“. Курти го повтори повикот до Србите да не ги бојкотираат и напуштаат косовските институции кои им служат на сите.
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, изјави дека маските треба да паднат и да се види дали Бриселскиот договор постои или не. Ако САД и ЕУ не можат да излезат на крај со Курти, тогаш тоа е нивна немоќ или преќутна согласност, потенцира Дачиќ. Повик за смирување на тензиите пристигна и од Тирана. Порачаа дека е потребен дијалог, а не ескалација.
