Жестоки борби во Херсонската и Доњецката област
Сирени за тревога се огласија низ цела Украина. Киев тврди, русите напаѓаат во три насоки, Бахмут, Авдијевк и Новопавливк. Руските сили, со став - за 24 часа украинската војска изврши над 30 напади на територијата на Доњецката Народна Република. Над четири ипол милиони потрошувачи се веќе без струја...

Сирени за тревога низ цела Украина. Жестоки борби се водат во Херсонската и Доњецката област. Киев тврди дека руските сили трпат големи загуби и дека успеале да повратат 37 насто од окупираната територија. Зеленски изјави дека е подготвен за нови руски напади врз инфраструктурата.
„Дознавме дека терористичката држава концентрира сили и ресурси за можни повторени масовни напади врз нашата инфраструктура пред сè енергетските капацитети. На Русија за тоа и беа потребни иранските ракети. Се подготвуваме за одговор“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Руските сили, пак, велат дека за 24 часа украинската војска извршила над 30 напади на Доњецк. Погодена и административната зграда на железницата. Обвинуваат дека се користени ракетни фрлачи „химарс“. Сепак, уверуваат дека успешно ја држат одбранбената линија во Херсонската област.
„Украинските диверзантски и извидувачки групи вршат терористички напади. Се обидуваме да се избориме со ова и мислам дека струјата и комуникациите наскоро ќе бидат обновени. На линијата на фронтот е непроменето, нашите војници забележуваат дека нацистите, туркани од колективниот запад и оние кои по секоја цена сакаат да пријават дека „градот Херсон е ослободен“, веќе не се желни да нападнат“, изјави Кирил Стремусов, заменик-шеф на цивилно-воената администрација во Херсон, назначена од Русија.
Во меѓувреме, компанијата „Укренерго“ најави вонредни планирани исклучувања на електричната мрежа поради неможноста да дистрибуира струја. Одлуката доаѓа откако градоначалникот на Киев, Кличко, ги повика граѓаните да се подготват за најлошото сценарио.
„Правиме сè за да го спречиме ова да се случи, но да бидеме искрени, нашите непријатели прават сè за градот да биде без топлина, струја и вода – ова е нивната задача. Затоа треба да бидете подготвени“, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Над четири ипол милиони потрошувачи во Украина се веќе без струја. Земјата се соочува со недостиг од 32 насто во потребното снабдување.
Бојана Крстевски
