Се избира шеф за гонење организиран криминал и корупција
163-ца обвинители во земјава гласаат за нов шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Кандидати се суспендираната обвинителка Вилма Русковска, Ислам Абази, Едмонд Незири и Деса Пауновска. Почнаа да го даваат својот глас. Гласањето почна во 8, а ќе трае до 16 часот. Резултатите ќе ги објави Советот на јавни обвинители. Оној кој ќе добие најмногу гласови, советот во рок од седум дена ќе го назначи за прв човек на обвинителството за организиран криминал со мандат од 4 години...

На избирачкото ливче јавните обвинители ќе треба да заокружат еден од 4 кандидати за оваа позиција. Меѓу нив освен досегашната шефица на ова обвинителство Вилма Русковска се и Деса Пауновска од гостиварското Вишо обвинителство, скопскиот обвинител Ермон Незири и Ислам Абази обвинител од Гостивар. Претседателот на комисијата за спроведување на изборите во Вишото обвинителство во Скопје Јован Цветановски посочи дека начинот на кој се избира шефот на одделението за гонење организиран криминал и корупција ќе му даде поголема сериозност на неговиот легитимитет, но и обврска спрема неговите колеги обвинители
Анализите ќе покажат дали на овој начин ќе се елиминираат секакви влијанија и дали ќе биде добар модел за избор на сите старешини на обвинителствата, додава Цветановски. После завршувањето на гласањето во 16 часот во петте изборни единици во Советот на јавни обвинители ќе се пребројуваат гласовите од сите избирачки места. Советот во рок од седум дена треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител кој добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати. Основен јавен обвинител на основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор. Последната шефица на ова обвинителство Русковска во август годинава беше суспендирана откако претходно шефот на управата за финансиска полиција Арафат Муареми поднесе кривична пријава до основното јавно обвинителство против неа заради претрес кој бил извршен во управата.
Фиљана Кока
