Македонија

„Патоказ низ несигурни времиња“ – најнов извештај на УНДП за човековиот развој

07.11.2022 13:47

Втора година по ред глобалноиот извештај на УНДП бележи пад во однос на човековиот развој, а како главни причини се наведуваат пандемијата на Ковид-19 и кризата во Украина. Осврнувајќи се на негативните тенденции кои преовладуваат како резултат на низа надворешни влијанија и внатрешни фактори, Претседателот Пендаровски истакна дека извештајот на УНДП ги посочува критичните точки на кои мора да се фокусираме за да надоместиме за изгубените години и да постигнеме повисок степен на развој...

Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП заедно со Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски го презентираа најновиот извештај за човековиот развој „Патоказ низ несигурни времиња“, подготвен од УНДП во соработка со Институтот за Демократија Социетас цивилис - Скопје. 

Извештајот е со фокус на состојбите во Република Северна Македонија, а е изработен врз основа на глобалниот извештај што секоја година УНДП го подготвува на светско ниво и оваа година е насловен „Неизвесни времиња, несигурни животи: Обликување на иднината во светот што се менува“. Втора година по ред глобалноиот извештај на УНДП бележи пад во однос на човековиот развој, а како главни причини се наведуваат пандемијата на КОВИД 19 и кризата во Украина.  

Осврнувајќи се на негативните тенденции кои преовладуваат како резултат на низа надворешни влијанија и внатрешни фактори, Претседателот Стево Пендаровски истакна дека извештајот на УНДП ги посочува критичните точки на кои мора да се фокусираме за да надоместиме за изгубените години и да постигнеме повисок степен на развој.

„За да ја постигнеме целта повисоко ниво на човечки развој за сите македонски граѓани, потребни се три работи: прво, соочување со реалноста, второ, обмислување на решенија, и трето и најважно, политичка волја да ги направиме неопходните промени. Индексот на УНДП нè соочува со реалноста. Развојните стратешки документи нѝ ги даваат решенијата. Започнатите преговори за членство во Европската Унија значат дополнителен мотив за суштински реформи“, истакна претседателот Пендаровски во обраќањето.

„Развојот на човештвото е во основата на цивилизацијата. Цивилизацијата не значи ништо друго туку подобрување на животот на човекот, правење услови за извесна иднина, фер правила на игра, подобрување на околината во која што живееме, создавање добри услови за економија, добро образование и здравство, правда и праведност за сите, оставање на подобро опкружување за идните генерации од оние кои сме ги наследиле“, изјави Постојаниот Претставник на УНДП, Армен Григорјан.

„Две години човештвото влегува од криза во криза. А, што прават луѓето во криза? Се организираат и изнаоѓаат решенија. Можеби тоа нема да бидат најдобрите решенија во моментот, но штетата е поголема ако не се прави ништо. УНДП работи на развојните политики со години. Социјалната вклученост и заштита, демократското управување, заштитата на животната средина се во сржта на нашето работење“, додаде Григорјан. 

Како во овие услови да се изнајдат решенија за излез или барем ќе ги ублажат последиците од овие кризи, особено кај најранливите и најзагрозените општествени групи? Каде е Северна Македонија во условите на светска криза и дали се потребни нови политики и поинаков пристап? На овие прашања одговара извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП и Институтот за Демократија Социетас Цивилис – Скопје кои од светскиот извештај направија фокусирана национална верзија во која се искористени и податоци од повеќе домашни релевантни институции и организции, со цел да се даде реална слика на состојбите и да се одреди патоказот како понатаму.