Куманово

И покрај кризата, ќе се слави со концерти

07.11.2022 14:37

Традицијата за мега концерти за Денот на ослободување на Куманово ќе продолжи. Економската криза не ја спречи општината да одвои еден и пол милион денари за настапи на домашни и ѕвезди од соседството. По две години градот ќе одвои и три милиони денари за новогодишно украсување. Граѓаните со поделени мислења...

И покрај економската криза и мерките за штедење, Куманово ќе слави. Со мега концерти, огномет и свечена седница ќе се одбележи 11-ти Ноември, Денот на ослободување на градот. За разлика од пред две години, кога поради пандемијата надлежните одлучија средствата да се пренаменат за набавка на електронска опрема за ученици од социјално загрозени семејства, овој пат кумановци два вечери ќе ги забавуваат ѕвезди од земјава и соседството. За настапите на Лозано, Некст Тајм, Тајзи, Дајте музика, како и Саро Јо и Барди и Алкета, општината ќе одвои еден и пол милион денари. Од Фондацијата за култура и спорт, која е организатор на настанот велат не се размислувало за одложување на прославата, бидејќи буџетот веќе бил предвиден.

„Куманово заслужува една ваква скромна прослава. Реално за истата не се предвидени огромни финансиски средства како што беше случај кога славевме 500 години. Сметам дека средствата се соодветни и никој од граѓаните нема да ни забележат“, нагласи Марио Арангеловски, в.д директор на Фондација за култура и спорт Општина Куманово.

Кумановци со поделени мислења. Едни сметаат дека во ваква криза не треба да се слави, други пак се радуваат на прославата.

„Од време се слави и треба да продолжи традиција, без оглед на кризата“, вели една кумановка.

„Нешто скромно, сепак да се одбележи, но тие како скромно, а излезе многу помпезно“, нагласи друга граѓанка.

„Се не е добро, уште доколку нема човек така да прослави, тогаш уште полошо ќе е, треба да има за нас ајде, но за помладите треба“, дополнува друг граѓанин.

Куманово годинава за разлика од претходните две, нема да штеди ниту на новогодишно украсување. За оваа намена ќе се одвојат 3 милиони денари. Но за прв пат општината ќе се украсува со сопствени новогодишни украси, кои согласно плановите ќе можат да се користат и наредните години. Лани средствата за украсување беа наменети за енергетско ефикасни проекти.

Елена Георгиевска