Македонија сака натпревар од ЕУРО 2020-та!
Револуционерниот потег на Претседателот на УЕФА Мишел Платини, Европското првенство во 2020-та да се одигра во 13 градови од различни земји и овозможи и на Македонија да биде потенцијален домаќин на елитен репрезентативен натпревар.

И официјално, ФФМ со гаранција на Владата на Република Македонија поднесе кандидатура за организатор на дуел од фазата по групи. Разбирливо, во силната конкуренција ќе влезе „Националната Арена Филип Втори“ чијшто капацитет е 33.500 гледачи. Откако Белград и Загреб се откажаа од кандидатурата, постои можност Скопје да биде единствениот претставник на Балканот.
Конечниот список на кандидати за организација на ЕП ќе биде познат утре и најверојатно ќе брои 32 земји, додека УЕФА градовите домаќини ќе ги соопшти на 19 септември во Истанбул. Покрај турскиот град и Киев коишто засега јавно изразија желба да бидат организатори на финалниот пакет, се претпоставува дека кандидатура за домаќини на двата полуфинални и на натпреварот за титулата ќе истакнат и Брисел, Лондон, Минхен, Мадрид и Билбао.
