Совет на јавни обвинители

Ислам Абази- нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција

07.11.2022 19:03

Од Комисијата наведоа дека во рок од седум дена, Ислам Абази треба да биде именуван за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Согласно Законот, како што укажаа од Комисијата, четворицата кандидати, како и избирачите имаат право на приговор во однос на резултатите од гласањето.

По сублимирањето на гласовите од денешното гласање за нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Комисијата за избори соопшти дека најмногу гласови, 66, добил Ислам Абази.

Втор, од четворицата кандидати по број на гласови е Ермон Незири со 64 гласови. Деса Пауновска има добиено 10 гласови, а Вилма  Русковска 14.

Од Комисијата наведоа дека во рок од седум дена, Ислам Абази треба да биде именуван за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Согласно Законот, како што укажаа од Комисијата, четворицата кандидати, како и избирачите имаат право на приговор во однос на резултатите од гласањето.

Согласно со Законот за јавното обвинителство, на изборите за шеф на ОЈО ГОКК право на глас имаат сите јавни обвинители во земјава. Гласањето се спроведуваше во тек на работното време на гласачки места во четирите виши јавни обвинителства и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Според избирачки список, 163 јавни обвинители од земјава имаат право на глас за избор на нов шеф на ОЈО ГОКК.

Ова е прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители.