Заврши конзервацијата на мозаиците од ранохристијанската базилика во Октиси
По три децении заврши конзервацијата на вредните мозаици во струшко Октиси. Монументалната базилика од римско време, откриена пред еден век, конечно е изложена за јавноста. Конзервираните мозаици се поставени во новоизградените конаци на црквата „Свети Никола“ во Октиси...

По триесет години, заврши конзервацијата на ранохристијанската базилика од петтиот век во струшко Октиси. Станува збор за монументална базилика од римско време откриена пред еден век.
Мозаиците од 100 метри квадратни, дел од непроценливото културно наследство во земјава се конзервирани на најсовремен начин, сочувани и презентирани пред јавноста.
„Се набави за прв пат во Македонија алуминско саќе на кое се презентирани мозаиците. Ова саќе е набавено од Италија и на нов начин е презентиран мозаик во Македонија“, вели Јован Василески, вработен НУ Музеј „д-р Никола Незлобински“
Изработена е изложба на ѕидовите која ги претставува вредностите и значењето на базиликата.
„Извршен е делумен ретуш на мозаикот заштитен е со средства кои не дозволуваат продирање на влага. Конечно дојде денот да се вратат на своето место“ вели Драган Вергоски, конзерватор на мозаици во пензија.
Базиликата има непроценлива вредност, поради тоа што на мозаиците е отсликана единствената претстава на Балканот „Раѓање на христијанството“. Вредното културно наследство ќе ја надополни туристичката приказна на Струга.
Мозаиците конечно се достапни за јавноста, изложени во новоизградените конаци.
Соња Рилковска
