САД

Американците одлучуваат кој ќе ја има контролата во Конгресот

08.11.2022 12:13

Избори за членови на двата дома на американскиот Конгрес. Се одржуваат во остра поларизација меѓу демократите на Бајден и опозициската републиканска партија, која според анкетите има солидни шанси да преземе контрола над најмалку еден од двата дома...

Денеска во САД гласање за целиот Претставнички дом, една третина од Сенатот и за гувернерски места во неколку клучни сојузни држави. Џо Бајден предупреди дека републиканска победа би можела да ги ослабне демократските институции на земјата, додека Доналд Трамп уште еднаш навести дека следната недела би можел да ја објави кандидатурата за претседател. Коментарот на Бајден ја одразува длабоката политичка поделба во САД во пресрет на изборите, на коишто републиканците би можеле да ја преземат контролата во еден, а можеби и во двата дома на Конгресот. Според анкетите способноста на Бајден да донесува закони ќе биде нарушена ако републиканците го освојат претставничкиот дом.

„Знаеме во нашите коски дека нашата демократија е во опасност и знаеме дека ова е вашиот момент да ја браните. Мислам дека ќе биде тешко, но мислам дека ќе го добиеме Сенатот“, изјави претседателот на САД, Џо Бајден.

На последните анкети, само 39% американци ја пофалија работата на Бајден.

„Ако ги поддржувате падот и пропаѓањето на Америка, тогаш мора да гласате за радикално левите, луди луѓе. Ако сакате да го запрете уништувањето на Америка, тогаш мора да гласате за републиканците во голем црвен бран“, изјави Доналд Трамп.

На републиканците им требаат пет места во Претставничкиот дом и едно во Сенатот за контрола во конгресот.

Резултатот од изборите може да влијае и на односот на САД кон руската војна во Украина бидејќи некои републиканци во кампањата најавија намалување на помошта за Киев во случај на победа на изборите.

Повеќе од 42 милиони американци гласаа лично или со испраќање гласачко ливче, покажуваат податоците на американскиот изборен проект, кој го следи предвременото гласање. Експертите велат дека може да поминат денови или недели пред исходот да биде познат.

Марина Ристова