Кошарка – Евролига

Европа ќе добие нов кошаркарски првак!

26.04.2014 00:02

Како што му личи на завршниот турнир на најквалитетната кошаркарска конкуренција на стариот континент, пласман во Милано обезбедија четири европски шампиони.

Покрај Барселона и Макаби, вечерва на фајнл – фор турнирот на Евролигата од 16 до 18 мај се пласираа и Реал Мадрид и ЦСКА Москва. Руските и шпанските кошаркари ја искористија предноста на домашниот паркет во мајсторките и со 3:2 ги добија  четвртфиналните серии против најдобрите грчки екипи.

ЦСКА го прегази Панатинаикос со 74:44 и по 13-ти пат ќе биде дел од елитната завршница. Московјани имаа две титули. Проблеми немаше ниту Реал којшто со 83:67 беше подобар од Олимпијакос и му ја симна двојната шампионска круна.

Кралскиот клуб кој еднаш беше првак на Европа, во полуфианлето на својот шести фајнл – фор турнир ќе игра против најголемиот ривал Барселона. Каталонците се рекордери со 14 настапи и досега двапати се радуваа на драгоцениот пехар.

Противник на ЦСКА во полуфиналето ќе и биде Макаби кој во 13-те евролигашки завршници трипати се искачуваше на кошаркарскиот врв на Европа.