Маричиќ оптимист за уставните измени
Вицепремиерот за евроинтеграции Маричиќ очекува уставните измени да се случат пред затворањето на скрининг-процесот. Очекува европските вредности да надвладеат пред личните и партиските. До крајот на неделава, Македонија треба да го почне билатералниот скрининг, одвоено од Албанија...

Незамислива е ситуацијата во која ние самите би се блокирале, вели вицепремиерот Маричиќ. Оптимист е дека до крајот на скринингот Собранието ќе ги усвои уставните измени. Според него, ако тоа се случи, натамошната фаза нема да зависи од никој друг, туку од нас самите и веднаш ќе биде свикана втората меѓувладина конференција.
На прашање на МТВ како ќе се одрази неуспешната лидерска средба врз скринингот, вицепремиерот тврди дека тој тече успешно, а состанокот во Собранието е почеток на политичкиот дијалог. Информираше дека досега се завршени 3 кластери од преговорите со објаснувачкиот скрининг, а во петок започнува билатералниот.
Се очекува скринингот да финишира кон крајот на идната година.
Анита Димитријевска Велковска
