Битола

Зголемена фреквенција на ГП Меџитлија

08.11.2022 13:47

Досега не се памети во есенските месеци на граничниот премин Меџитлија да има на влез од 10-20 посто повеќе фреквенција на патници главно од Лерин и околните грчки села. Овој феномен е резултат на економската и енергетската криза. Ако некогаш се доаѓаше во Битола по некои традиционални навики сега прва постојка е бензинската пумпа на излезот од градот кон Грција. На литар бензин се заштедува и до 70 евроценти велат грчките посетители...

Под стегите на економската и енергетската криза се менуваат и статистиките за влез во земјава на граничниот премин Меџитлија. Досега не се памети во есенските месеци во однос на шпицот на летната сезона протокот на патници на влез да биде поголем за 10 до 20 посто велат од полициската станица.

Главно се работи за жители на Лерин и пограничните села. Рустеми вели најголемата гужва е во попладневните часови и во викендите. Актуелните економски состојби донесоа пресврт и во потрошувачките навики. Честите посетители велат дека прва станица им е бензинската пумпа за да се наполни резервоарот на автомобилот бидејќи заштедата по литар бензин не е за потценување.

Има и такви кои сè уште не откажуваат од местата кој од поодамна им носат финансиски бенефит и важат за стари ритуали.

Дека и овој месец бројката на влез ќе биде голема потврдува и денешната слика уште од раните претпладневни часови.

Дека бензинот е во преден план покажува и веднаш создадената гужва на бензинската пумпа на излезот од Битола. Поради конкуренцијата и деловните тајни од таму не дозволија снимање одблиску или давање некои подетални информации. Но сепак според она што нам ни е познато просечно на ден тука гориво полнат над 250 грчки возила.

Стевче Митревски