Дипломатија

Агелер ги предаде акредитивните писма

08.11.2022 14:07

Новата американска амбасадорка во земјава Ангела Агелер официјално ја почна својата дипломатска мисија во Скопје. Во Вила Водно му ги предаде акредитивните писма на претседателот Пендаровски. Очекувањата се дека ќе продолжи цврстото партнерство меѓу двете држави...

Има предизвици, но иднината е светла, порача новата американска амбасадорка Агелер на примопредавањето на акредитивните писма на претседателот Пендаровски. Нагласувајќи ги во своето обраќање промената на името, членството во НАТО, почетокот на преговорите со ЕУ и македонското претседавање со ОБСЕ во 2023, Агелер рече дека Македонија ја зацврстува својата позиција како лидер во градењето на безбедноста и просперитетот на Западен Балкан.

„Оваа земја го смени името за да стане 30 членка на НАТО. Ги отвори преговорите со Европската унија и сега е лидер на просперитетот и безбедноста на Западен Балкан. Господине претседателе, денес сум овде да ветам дека нема сами да се соочите со тие предизвици. Соединетите Американски Држави, амбасадата на САД и јас ќе сториме сè што е во наша моќ да им помогнеме на луѓето во Северна Македонија да успеат да ги прифатат и да ги надминат сите тие предизвици“, рече Агелер.

Шефот на државата Пендаровски оцени дека Македонија го смета САД за голем пријател, значаен економски партнер и искрен поддржувач во најтешките моменти уште од независноста. Тој се заблагодари за поддршката на САД за започнување на преговорите на земјава а за членство во Европската унија.

„Длабоко сум уверен дека имено реформите во клучните сфери: владеењето на правото и борбата со високата корупција, негувањето на културата на одговорност, транспарентноста и функционалноста на институциите, треба да го одредат натамошниот развој на македонската демократија и конечното членство во Европската унија. На тој пат, анахроните теми и дискусии за идентитети и наметнати историски вистини претставуваат сериозна пречка која има потенцијал да го закочи нашиот интегративен пат и, со самото тоа, да го држи целиот регион во неизвесност, а тоа генерира нестабилност“, рече претседателот, Пендаровски.

Посебно задоволство претставува фактот што оваа година го почнавме стратешкиот дијалог, како прва земја од западниот Балкан-истакна Пендаровски.

Македонија според претседателот Пендаровски е подготвена за поголема координација и соработка на политички, економски и безбедносен план со Соединетите Американски Држави.

Марина Стојанова Тонева