Македонија

Во Собранието, состанок за дијалогот „Жан Моне“

08.11.2022 15:00

По подолг период, состанок на работната група за дијалогот „Жан Моне“. На маса промените на деловникот или подготовка на нов. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски, не присуствуваше на средбата - не биле консултирани за денот и тајмингот на продолжението на процесот...

Собранискиот спикер, Џафери, смета дека и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на состанокот за дијалогот „Жан Моне“, сепак треба консензуално да се донесат измените во Деловникот. Вели дека на тој начин ќе се скратат можностите за опструкции во работата на работните тела и да се поедностават процедурите за носење на законите.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ појасни дека Џафери воопшто не ги консултирал за тајмингот на средбата. Мицевски вели дека на последната расправа за предлозите на измените во Деловникот, препознал обид на мнозинството да се заобиколи работата на матичните тела, со цел да се потиснат дебатите за законските решенија, важни за граѓаните.

Од СДСМ потенцираа дека опозицијата мора да се вклучи во процесот на конструктивен начин за ефикасно функционирање на Парламентот. Координаторот на СДСМ, Митрески, ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од активната блокада на Собранието.

Процесот „Жан Моне“, во која се дебатира за Деловникот, трае речиси четири години, со учество и на европарламентарци кои се олеснувачи во дискусиите за носење решенија за поефективен законодавен дом.

Игор Панов