Фотоволтаици на четири средни училишта
Зголемените цени на енергенсите го зголемија интересот за поставување фотоволтаици. Општина Куманово обезбеди средства за вакви панели на четири средни училишта. Целта на општината е во наредниот период да се постават фотоволтаици на сите објекти во градот...

Четири средни училишта во Куманово до крајот на годината треба да добијат фотоволтаици. Средствата ги обезбеди Општина Куманово. Фотоволтаици ќе бидат поставени на гимназијата „Гоце Делчев“, техничкото „Наце Буѓони“ и економското училиште „Перо Наков“, и на објектот каде што се изведува настава на албански јазик.
-Опремата е донесена се чекаат постапките за одобрување да бидат завршени, и верувам дека до крајот на годината или почеток на јануари ќе бидат инсталирани. Овие средства ни се обезбедени во буџетот и ќе бидат искористени и со тоа ќе создадеме дополнителна заштита во потрошувачката на електрична енергија или ќе добиеме евтина енергија, истакна Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.
Целта на општината е во наредниот период да продолжат со поставување фотоволтаици на сите објекти.
-Доколку би имале средства ние би поставиле фотоволтаици на сите јавни објекти и јавни институции во градот, коишто се под надлежност на Општина Куманово. Но сепак се работи за скапа инвестиција, дополни Димитриевски.
Од Секторот за урбанизам при општината информираа дека значајно е зголемен интересот за поставување фотоволтаици од почетокот на енергетската криза. Интерес има и кај домаќинствата но и кај бизнис секторот. На иницијатива на приватни лица поведена е постапка и за поставување фотоволтаични централи на неколку локации.
Елена Георгиевска
