Влада

Мерки за поевтина струја за институции и компании

09.11.2022 12:21

Поевтина електрична енергија за училиштата, болниците, прехранбениот сектор и јавните претпријатија за водоснабдување. Почнува склучувањето договори за поевтина струја до 30-ти април наредната година со ЕСМ...

Компаниите од прехранбената индустрија, училиштата, болниците и јавните претпријатија за водостопанство ќе може да склучат договор за поевтина струја со ЕСМ продажба. Премиерот Ковачевски информираше дека процедурите се поедноставени, а документите подготвени. Крајниот рок за аплицирање е 10-ти и 11-ти во месецов, а за корисниците кои се приклучени на снабдувач рокот е до 20-ти во месецот. Мерката предвидува производителите на основните прехранбени продукти да плаќаат по 80 евра за мегават-час, а како што рече Ковачевски компаниите се обврзале да ја намалат цената на основните продукти за најмалку 10 проценти.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека мерката е задоцнета, но добро е вели претседателот Мицкоски што Владата ги прифатила барањата на опозицијата.

Ковачевски за неодговорни ги оцени блокадите на опозицијата бидејќи како што рече земјава загубила 100 милиони евра, пари кои биле наменети за ЕСМ за надминување на енергетската криза. Посочи дека на лидерската средба информирал дека затворањето на РЕК Битола и РЕК Осломеј е планирано со националната енергетска стратегија подготвена пред војната во Украина, но состојбата како што рече се променила и стратегијата скоро ќе биде ревидирана, согласно новите рокови за затворање на ваквите енергетски капацитети во Европа. Дополнителни пари за надминување на енергетската криза се обезбедени од Дојче Банк, Есте Банк, ММФ и Светска банка.

Викторија Милевска