Македонија

Корекција на моделот за избор на обвинители

09.11.2022 13:36

Министерот за правда Никола Тупанчески е дециден, и овој трет модел на избор на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција не е најдобар. Смета дека се потребни измени во однос на построги правила и критериуми за избор. За фотографиите на кој Абази е со функционери на ДУИ, вели комуникацијата не може да биде исклучена, но најважно е таа да не биде злоупотребена. Од антикорупциска сметаат дека треба да се остави време за да се види способноста и квалитетот на Абази.

Првата антикорупционерка Ивановска за изборот на новиот шеф за гонење организиран криминал и корупција вели дека иако се даде шанса сите обвинители на демократски начин да гласаат сепак се заборавило на критериумите за квалитет на оценките што ги дава Советот на јавни обвинители и на програмата за работа. Сето тоа се елементи што ќе дале појасна слика за кој човек се работи, каква позадина има во својот професионален дел од работата, додава Ивановска. Не може да каже дали некој им наметнал на обвинителите како да гласаат, но во отсуство на критериумите се остава простор да помисли дека постоело некакво влијание.

Ресорниот министер Тупанчески смета дека фотографиите кои се појавија во јавноста со новиот шеф на обвинителството и функционери од ДУИ можеби имплицираат дека обвинителот кој е избран има некаква конекција или комуникација со претставници на одредена политичка партија, но сепак времето ќе покаже дали хипотезите за такви влијанија се точни или не.

Министерот смета дека можеби ќе мора да се додаде цензусот или да се воведе втор круг на избори, но сепак најважен е вели интегритетот на личноста. Одговорајќи на прашање за испраќањето на Законот за граѓански здруженија пред Венецијанската комисија, Тупанчески рече дека добро е тој да го помине филтерот на комисијата за да не доаѓаме во ситуација како земја да се најдеме пред судот во Стразбур.

Фиљана Кока