Повторно дојави за бомби во училишта
Повторно лажни дојави за бомби во неколку скопски средни училишта. Учениците итно евакуирани, антитерористичките единици со проверка на терен. Ова е дел од хибридните напади со кои се соочува и регионот, вели премиерот Ковачевски...

Нови дојави за подметнати бомби во скопските средните училишта. На електронските адреси на училишта утринава е упатена закана за поставена експлозивна направа. Од МВР информираат-веднаш по добиените пријави полициските службеници ги преземаа мерките за безбедно евакуирање на училиштата. Антитерористичката единица на терен изврши увид и работи на расчистување на случајот. Во координација со полицијата раководителите на училиштата работат да обезбедат максимална сигурност на учениците.
А учениците повторно се надвор од своите училишта. Досега дојавите за бомби беа после 14 часот, а сега тоа се случи изутрина во првата смена. Во некои училишта по завршениот увид наставата ќе продолжи. Сепак децата не кријат дека ваквата ситуација им предизвикува вознемиреност.
Премиерот Ковачевски коментирајќи ги последните дојави за поставени бомби-истакна дека целиот регион е под хибридни напади кој има цел да создава вознемиреност меѓу граѓаните
Ова е трета недела како на електронските адреси на училишта пристигнуваат дојави за подметнати бомби.
Марина Стојанова Тонева
