За изборите акредитирани 9.952 домашни и 550 странски набљудувачи

26.04.2014 13:45

Амбасадорите на Германија, Велика Британија и Швајцарија, Гудрун Штајнакер, Кристофер Ивон и Стефано Лазарото, денеска на прес-конференција на Граѓанската асоцијација МОСТ повикаа на фер, мирни и слободни избори...

За следење на изборите се акредитирани 9.952 домашни и 550 странски набљудувачи. На терен ќе бидат и 283 преведувачи. Граѓанската асоцијација МОСТ изборниот процес ќе го набљудува со 1.712 набљудувачи.

Извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов соопшти дека изборите ќе ги следат со 1.712 свои набљудувачи на ист број избирачки места во сите општини и изборни единици во Република Македонија. Со нив МОСТ ќе покрие 50 проценти од вкупниот број избирачки места, односно на секое второ место ќе има набљудувач.

„Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и 84 мобилни тимови со по два набљудувача кои ќе бидат логистика на статичните и повремено ќе ги покриваат местата каде што МОСТ нема свои набљудувачи“, рече Алексов.

Амбасадорите на Германија, Велика Британија и Швајцарија, Гудрун Штајнакер, Кристофер Ивон и Стефано Лазарото, денеска на прес-конференција на  Граѓанската асоцијација МОСТ повикаа на фер, мирни и слободни избори на вториот круг претседателски и предвремените парламентарни избори.

Амбасадорката Штајнакер на македонски и на албански јазик повика утре граѓаните да излезат на гласање и да го искористат правото загарантирано со Уставот да гласаат за избор на Претседател и на Влада на Република Македонија.